Хашкото обвинителство најверојатно ќе го прошири обвинението за случајот "Љуботен" и врз други поранешни и сегашни функционери, дознаваме од извори во Хашкиот суд.
- Премногу е наивно одговорноста за случувањата во Љуботен во 2001 година да биде сведена само врз поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски и телохранителот на поранешниот претседател на државата, Јохан Тарчуловски, бидејќи во селото дејствувале и Армијата и Полицијата.
Бошковски за време на својот мандат дозволил да се изврши испитување на активностите на безбедносните сили во Љуботен и тоа во еден дел претставува олеснителна околност за него. Во Хаг нема да дозволат Судот преку случајот "Љуботен" на кој било начин да биде ставен во функција на внатрешнополитички пресметки во Македонија - велат тие извори.
Адвокатот на Бошковски, Драган Гоџо, се врати од Хаг со доказниот материјал што го добил од Обвинителството на Судот.
- Во затворот Шевенинген повеќе од седум часа со Бошковски го разгледувавме доказниот материјал. Материјалот е обемен и најсложена е токму оваа фаза од подготовката на одбраната. Но има доволно време да се подготвам до продолжението на судењето. Љубе го поминува времето во проучување на доказниот материјал и работи со мене како да ми е колега, а не клиент - изјави Гоџо.
Според адвокатот, она што најмногу го измачува Бошковски е барањето на Обвинителството тој да остане во притвор до завршувањето на судската постапка, која се одвива многу бавно. Гоџо побарал од Хашкиот суд да му овозможи на Бошковски да се брани од слобода, но Владата се уште не ги доставила потребните гаранции што ги бара Судот.
Мирјана Илиева, портпаролка на Министерството за правда, вели дека тече постапката за прибирање на потребните документи за Бошковски и за Тарчуловски од МВР, од Судот и Обвинителството.
- Кога ќе биде собрана документацијата, Министерството ќе ја испрати до Владата и таа на седница треба да одлучи за нивното доставување во Хаг - објаснува Илиева.
Според неа, Владата треба да најде форма на кој начин на семејствата на Бошковски и на Тарчуловски ќе им се исплаќа помошта за нивната одбрана.
Дневник |