Нов адвокат за Јохан
ОДБРАНАТА НА ТАРЧУЛОВСКИ БАРА ПРОЛОНГИРАЊЕ НА ЖАЛБЕНИОТ РОК
Одбраната на Јохан Тарчуловски ќе се засили со нов адвокат, кој треба да помогне за обжалување на пресудата од Хаг за случајот Љуботен. Ова е една од причините поради која главниот правен застапник Антонио Апостолски поднесе барање до Хашкиот трибунал за пролонгирање на рокот за обжалување на пресудата до 9 септември. Иако засега не се открива името на можните нови членови во тимот на Апостолски, дознаваме дека се преговара со искусен адвокат од САД кој би помогнал за смалување на изречената казна од 12 години затвор за Јохан.
Според адвокатот Апостолски, пресудата содржи многу фактички грешки во скоро секој дел, меѓу кои и во прашањата за вооружен конфликт, оптужбите, одговорноста и настаните од 2001 година во селото Љуботен. Според него, и методот за разгледување на проценките од доказите на пресудата е сериозно прекршување на основните права на обвинетиот и до сега невиден напад на принципите на доказ без основано сомнение. Апостолски наведува дека на одбраната ќе и треба повеќе време да ги идентификува сите грешки и основи за да биде во можност да поднесе жалбата.
- Одбраната не ја разбира жестоката мотивација на Судот да ја префрли одговорноста на обвинетиот и затоа и треба повеќе време за да ги идентификува сите грешки направени од страна на “непристрасниот” Суд. Одбраната се обврзува дека ќе бидат во интерес на правдата и ќе ги заштитува правата на обвинетиот за правично судење, во согласност со Статутот, доколку Апелацискиот суд дозволи жалбата да биде поднесена најдоцна до 9 септември, се наведува во барањето на Апостолски.
Не се исклучува можноста на Апостолски да му помогнат и адвокатите на екс-министерот Љубе Бошкоски, кој беше ослободен од обвинение за истиот случај. Тоа е можно откако ќе заврши и евентуалното обжалување на ослободитената пресуда за Бошкоски од хашкото обвинителство. Македонската влада веќе најави дека е подготвена да ја зголеми финансиската помош за потребите на одбраната на Тарчуловски.
VECER
Add comment July 24th, 2008